По 30-тина случаи со Ковид-19 дневно пријавува Институтот за јавно здравје
По 30-тина случаи со Ковид-19 дневно пријавува Институтот за јавно здравје. Од Комисијата за спречување на заразни болести велат дека состојбата е под контрола. Иако новите варијанти се позаразни, тие сепак не манифестираат тешка клиничка слика и болните најчесто се третираат амбулантски...

Расте бројот на заразени со Ковид 19. Институтот за јавно здравје регистрира по 30–тина нови случаи дневно, но простор за паника нема тврдат од Комисијата за спречување на заразни болести. Иако новите варијанти се позаразни, тие сепак не манифестираат тешка клиничка слика и болните најчесто се третираат амбулантски, а болниците се празни, вели доктор Мехмедовиќ.
Додека расте бројот на заразени со ковид, драстично намален бројот на болни од пертусис. Од 16-ти до 22-ри август пријавени се само десет нови случаи на голема кашлица, што е за 52 отсто помалку од претходната недела. Две лица од новопријавените се хоспитализирани и со потешка клиничка слика. Според доктор Мехмедовиќ падот на бројките е резултат на зголемувањето на опфатот со вакцинацијата, но според него рано е да се прогласи крај на епидемијата.
Од почетокот на епидемијата со пертусис во Македонија, заклучно со 22-ри август во земјава се регистрирани 1.032 случаи на голема кашлица.
Викторија Милевска
