туризам

Спасителите на вода на брегот на Охридското езеро, со над 1.000 интервенции прва помош на плажа

25.08.2024 15:03

Спасителите на вода на брегот на Охридското езеро ова лето спасија 17 давеници. Пружиле над 1.000 интервенции прва помош на плажа. Но, спасители на вода има на 10 плажи на охридското и само на една на струшкото крајбрежје. Потребно е подигнување на безбедносните стандарди …

Оваа летна туристичка сезона спасителите на вода на брегот на Охридското езеро подарија 17 животи. Покрај на давеници, имале над 1.000 интервенции за пружање помош при топлотни удари, несвестици, водени шокови, посекотини и скршеници.

На охридското крајбрежје се ангажирани 10 спасители, но на струшкото само еден. Иако е законска обврска на сите концесионери да имаат безбедни капалишта, обележани со бови, граничник и лиценциран спасител, за жал тоа со години не се почитува.

„Сите оние кои сакаат да ги користат водите на Охридското езеро, кои доаѓаат за да се капат да ги користат пред сè безбедните капалишта, оние кои се обележани, оние коишто имаат соодветни реквизити и оние коишто имаат спасители на вода. Тоа се десет капалишта на охридското крајбрежје, едно капалиште во Струга и еден аквапарк во Струга“, изјави Сашо Точков, претседател на Црвен крст Охрид.

Сезоната за капење сè уште е во полн ек, на плажите има голем број посетители. Гостите велат треба поголема грижа за подигнување на безбедносните стандарди.

„Јас мислам Охрид како туристичко место треба сериозно да се ангажира, вака гледаме како оди времето се подобри се плажите, по средени, но сепак спасувачите на вода се она што е најпотребно за туристите коишто доаѓаат“.

„Овде гледам дека нема на цела плажа а и на други плажи. Секако треба да има како во Грција нели во Европа ќе одиме“.

„Треба да има спасители на секоја плажа“.

„Нема, ама на секоја плажа би требало да има како што е во Европа и низ светот“.

Оваа летна сезона до денес не е регистриран ниеден давеник во Охридското езеро.

Соња Рилковска