Блиски Исток

Голем напад на Хезболах врз северен Израел

25.08.2024 14:19

Ракети и авиони го осветлија небото на Блискиот Исток изминатата ноќ. Властите во Тел Авив прогласија вонредна состојба откако со повеќе од 320 ракети и голем број беспилотни летала, Хезболах изврши одмазднички напад на позиции во северен Израел и Голанската Висорамнина. Израелската одбрана возврати со бомбардирање на јужен Либан со околу 100 воени авиони. Премиерот Нетанјаху се закани – ќе биде повреден секој што му штети на Израел. Белата куќа внимателно ги следи случувањата …

Нова ескалација на Блискиот Исток. Хезболах лансираше над 320 ракети и беспилотни летала врз северен Израел и Голанската Висорамнина како одмазда за атентатот на нивниот командант во Бејрут минатиот месец. Израелските сили одговорија со бомбардирање на јужен Либан со околу 100 израелски воени авиони и прогласија вонредна состојба.

„Одбраната елиминираше многу други закани и дејствуваше со голема моќ – и во одбрана и во напад. Ние сме решени да сториме се за да ја заштитиме нашата земја, да ги вратиме жителите на север безбедно во нивните домови и да продолжиме да го почитуваме едноставното правило: кој и да не повреди нас, ќе го повредивме и ние него“, изјави Бенјамин Нетанјаху, премиер на Израел.

Обединетите нации ги оценија како алармантни случувањата на израелско-либанската граница. Ги повикаа сите засегнати страни да покажат воздржаност. Од Белата куќа велат дека американскиот претседател Бајден внимателно ги следи случувањата. Либанската влада свика итен состанок и објави дека очекува деескалација.

„Подготвивме сценарија за симулирање на сите можни ситуации, вклучително и проширување на нападите. Во моментов, бројот на раселени лица не е зголемен, а нападите што се случија во зори беа на долините и планините. Се разбира, очекуваме дека ако нападите се прошират, ќелиите за итни случаи ќе бидат активирани во сите области“, изјави Насер Јасин, привремен министер за животна средина на Либан.

Меѓународните аеродроми во Либан и во Израел забележаа откажување или доцнење на летовите. Жителите на погодените погранични села велат дека им е доста од војната на Блискиот Исток, бараат од властите состојбата да се смири.

„Либан е подложен на војна со која нема никаква врска. Се надеваме дека совеста на нашите лидери ќе се разбуди и ќе се најде решение што ќе го спаси Либан пред да биде предоцна“, изјави жител на Либан.

„Ги повикувам сите земји да интервенираат за да се најде решение за ова прашање во регионот, на целиот Блиски Исток, особено меѓу Либан и Палестина. Доста е, сакаме да се одмориме. Војната трае со месеци“, изјави друг жител на Либан.

Хезболах секојдневно го напаѓа Израел од октомври минатата година и почетокот на војната Газа меѓу Израел и Хамас. Најновите напади се случија додека Египет е домаќин на нова рунда разговори. Хезболах соопшти дека ќе ги прекине борбите доколку дојде до прекин на огнот во Газа.

 

Маријана Димовска