СДСМ: Власта да ги покачи платите на наставниците за 12% во септември
„ВМРО-ДПМНЕ ги изневери наставниците, нема да добијат зголемување на платите за 12 насто во септември“, велат од СДСМ. Според партијата, пари има, а потврда за тоа е луксузирањето на премиерот и министрите кои патуваат со најскапи авионски билети. Од владејачката партија, пак зборуваат за исполнети ветувања во образованието.

Владата избегнува да ја реализира обврската за зголемување на платите на просветните работници, тврдат од опозициската СДСМ. Додаваат дека тие нема да добијат зголемување на платите за 12% во септември, откако, како што велат, ресорната министерка Весна Јаневска неколкупати соопштила дека Владата не може да обезбеди средства за зголемување на платите. Според СДСМ, Владата со неоправдани образложенија се обидувала да го избегне реализирањето на обврската.
На темата образование се огласија и од владејачката ВМРО-ДПМНЕ. Информираат дека ресорната министерка Јаневска остварила средба со претставници на студентското собрание при универзитетот Свети Кирил и Методиј, во чии рамки е договорени две мерки, а третата се разгледува.
СДСМ остави дупка во Буџетот од 600 милиони денари наменети за младите, а ВМРО–ДПМНЕ успеа во 60 дена да направи ребаланс на Буџетот и да ги обезбеди тие средства и да спроведе мерки, при тоа исправајќи ги неправдите со кои младите во Македонија се соочуваат, велат од владејачката ВМРО-ДПМНЕ.
Марија Котовска
