Финансии

Отписот на долгови ќе заврши до октомври

09.07.2014 15:53

Од 50 до 100 илјади граѓани наесен ќе куртулат од старите долговите за струја, парно, РДТ, но и минусите на кредитните картички и трансакциските сметки, направени до 31 декември...

Од 50 до 100 илјади граѓани наесен ќе куртулат од старите долгови. Вицепремиерот Ставрески уверува - проектот „Еднократен отпис“ ќе се заокружи до октомври. Откако Министерството за финансии ќе го објави повикот, граѓаните  ќе треба да достават барања за отпис до центрите за социјални работи.

„Конечниите податоци за тоа колкав број граѓани и колкави долгови ќе бидат опфатени, ќе зависи од тоа колкав број граѓани ќе се пријават и колкав дел од нив ги исполнуваат условите. Ние разговаравме со доверителите и тие се подготвени, во најкуса постапка, за два  до три месеци од донесувањето на Законот,  да заврши отписот на долгови“, изјави Зоран Ставрeски, вицепремиер и министер за финансии.

Ќе се отпишуваат долговите за струја, парно, РДТ, но и минусите на кредитните картички и трансакциските сметки, направени до 31 декември.  Ќе се простат и каматите, но и трошоците за нотари и извршители. Според Ставрески, државната каса е во добра кондиција. Ланската реализација на приходите и расходите била во рамките на планираното, остварен е повисок економски раст од очекуваното, невработеноста се намалила, се зголемиле пензиите и социјална помош, исплатите биле редовни.

„Јавните финансии во 2013-та година ја остварија целта, а тоа беше навремена исплата на сите законски остварени права, без да се загрози фискалната одржливост на земјата. Реализирањењето на ефикасна и економична јавна потрошувачка придонесе за задржување на макроекономската стабилност и за остварување позитивни стапки на економски раст“, рече Зоран Ставрески, вицепремиер и министер за финансии

Најголем дел од ланските приходи биле од даноци  и акцизи, а многу мал дел од казни, само 0,38 %. Тоа, според Ставрески, е показател на здраво поставената даночна политика.

Мартин Пушевски