Блиски Исток

Нема договор за прекин на војната во Газа, борбите продолжуваат

26.08.2024 11:26

Нема договор за примирје на Блискиот Исток. Вчерашните преговори со посредство на Вашингтон, Каиро и Доха пропаднаа. Останува спорен коридорот Филаделфија по должина на границата на Газа и Египет. Светот стравува од зголемување на тензиите на Блискиот Исток, откако Израел и Хезболах извршија меѓусебни гранатирања со стотици проектили.

Без договор завршија вчерашните преговори во Каиро за прекин на војната во Газа, борбите продолжуваат. Хамас ги отфрли новите израелски услови. Клучна точка на несогласување е присуството на Израел во таканаречениот коридор Филаделфија, долж јужната граница на Газа и Египет. Растат  стравувањата од зголемување на тензиите на Блискиот Исток, откако Израел и Хезболах извршија меѓусебни гранатирања.

„Загрижени сме поради тоа што конфликтот може да ескалира во сеопфатна регионална војна од 7-ми октомври и работевме деноноќно со партнерите и сојузниците. Продолжуваме да работиме за да спречиме таков исход, а нашата надеж е настаните од минатата ноќ да не се прелеат во ескалација што ќе доведе до регионална војна“.

Израелските одбранбени сили тврдат дека Хезболах не успеал да нападне ниту една воена база. Уништени се илјадници ракетни фрлачи на милитантната група на повеќе од 40 локации.

„Само во последната недела елиминиравме околу 30 терористи, вклучително и команданти на Хезболах. Околу 90% од целите беа ракети со краток дострел насочени кон северот на земјата. Го следевме Хезболах со недели со технолошки средства и воздушни патроли со авиони на воздухопловните сили. Откривме дека имаат намера да извршат напади и ги елиминиравме повеќето од нив“, изјави Даниел Хагари, портпарол на Израелската одбрана.

По масовното ракетирање врз Северен Израел и Голанската висорамнина, водачот на Хезболах убедува дека одмаздничкиот напад врз Израел за атентатот на еден од нејзините команданти е завршен.

„Изјавите на непријателот дека погодиле стратешки, балистички ракети, дека го спасиле Тел Авив заедно со други витални објекти и ги уништиле овие проектили, сето тоа е лага. Немавме намера да ги користиме овие проектили сега, но можеби ќе ги користиме во иднина“, изјави Хасан Насрала, лидер на Хезболах.

Хезболах изведува напади врз израелски цели откако почна војната во Газа на 7 октомври. Групата вели дека ќе запре со гранатирањата во моментот кога ќе се постигне примирје.

 

Маријана Димовска