Загадување

Менаџментот ветува: За четири ипол месеци Макстил ќе престане да загадува

09.07.2014 16:17

Се обврзаа најдоцна за четири ипол месеци да ја монтираат опремата, да престаната да загадуваат до ноември. За помалку од половина година да обезбедат емисија гасови според најстрогите европски стандарди...

Новата филтер станица во Макстил ќе почне со работа до крајот на годинава – вети менаџментот на компанијата која работи со 30 насто капацитет. Се обврзаа најдоцна за четири ипол месеци да ја монтираат опремата, да престаната да загадуваат до ноември. За помалку од половина година да обезбедат емисија гасови според најстрогите европски стандарди.

„Според предвиденото, сите активности за монтирањето на опремата треба да завршат до 1-ви ноември, а потоа ќе следат активностите на конекција и сетирање на новата опрема со деловите од постоечката поради што Макстил ќе мора да ги запре сите свои производни активности. Челичарница при крајот на годинава ќе биде со емисија на гасови во воздухот кои ќе ги исполнуваат најстрогите европски норми“, вели Иван Бановски, извршен директор на Макстил. 

Граѓаните бараат итно решение, да престане испуштањето прав и чад во вечерните часови.

„За нас се небитни паричните казни со кои досега се казнуваа загадувачите, банално е да дозволите некој да работи и да ги труе гараѓаните, а за тоа да изрекуваш казни“,  вели Кристијан Узунов, преставник на граѓаните на Железара.

„Загадување има ама не до тој степен за да може да кажеме дека луѓето умираат од него. Јас и моите деца сме израснати овде и не се сеќавам дека во населбата Железара луѓето умираат од него“, вели Марјан Калимановски – претседател на Советот на урбаната заедница Железара.

Клуч на врата до исполнување на стандардите побара партијата ДОМ.

„За нас од ДОМ реално решение е Макстил да порестане со работа до исполнување на еколошките стандарди“, посочува Лилјана Поповска, претседател на партијата.  

Резултатите од мерењата на загадувањето од фабриката сеуште не се готови. Од Министерството за екологија тврдат, ако се над дозволените граници, со ригорозни казни ќе се соочи компанијата.

„Редовно го следиме загадувањето, сега имаме и ноќни надзори за мерење на амбиенталниот воздух и на испусните загадувачки гасови во погонот. Треба да се работи на појачување на инспекторатот со луѓе и опрема“, посочува Стево Темелковски, заменик министер за животна средина. 

Од Макстил уверуваат дека по завршување на 10 милионскиот проект, од 2015- тата печките ќе испуштаат најниско ниво на штетни гасови во рамки на строгите европски стандарди. Граѓаните очекуваат ветувањето да го исполнат, челичниот гигант да престане да загадува.

 

Сузана Фиданска- Стоевска