Мицкоски: Ќе седнеме да разговараме со синдикалните организации да изнајдеме решение за повисоки плати
Посочи дека со ребалансот се предвидени сите покачувања и усогласувања кои претходно беа усогласени со синдикалните организации, а нагласи дека со Буџетот од следната година е подготвен да седне и да разговара за да се изнајде решение.

Премиерот Мицкоски е подготвен да седне со сите синдикални организации и да разговара за зголемување на минималната плата. Посочи дека со ребалансот се предвидени сите покачувања и усогласувања кои претходно беа усогласени со синдикалните организации, а нагласи дека со Буџетот од следната година е подготвен да седне и да разговара за да се изнајде решение.
„Сакам најпрво да кажам дека сите заслужуваат повисоки плати. Тоа е многу важно да се знае. Секој кој што работи, кој што се труди, кој што чесно работи согласно закон и Устав заслужува повисока плата и тука не треба да има никаква дилема“, дециден е премиерот Мицкоски.
Мицкоски изјави дека не смее да се дозволи политизација на синдикалните организации.
„Ги консолидираме институциите затоа што сме посветени и сакаме да донесеме надеж и таа надеж се чувствува насекаде. Прв сум меѓу еднаквите во делот на образованието, бидејќи јас сум просветен работник, и јас предавам на Универзитетот, мојата сопруга е професорка во средно училиште. Но, мораме да разбереме дека не смее да дозволиме во синдикалните организации политизација, не смееме да дозволиме политички памфлети. Затоа што секоја изјава на дел од раководствата во синдикалните организации е координирана со денешната опозиција“, изјави премиерот Мицкоски.
