Нов закон

Поголема заштита на жртвите, поголеми казни за семејните насилници

09.07.2014 16:32

Сместување во центар за лицата жртви, соодветна здравствена заштита, психо - социјална итервенција и третман, економско јакнење на жртвата преку нејзино активно вклучување на пазарот на трудот, отстранување на сторителот од домот и забрана за приближување, се само дел од мерките во новиот предлог закон за превенција, спречување и заштита од семејно насилство...

Се одржа првата јавна дебата за законот за превенција, спречување и заштита од семејно насилство, предлог законот поддржан од Обединетите нации.

Насилникот ќе се отстранува од домот, ќе се прецизираат сите обврски на надлежните институции, како и роковите во кои треба да ги преземат мерките за заштита. Ќе има и мерки за економско јакнење на жртвата. Државата има намера со закон да ги намали случаите на семејно насилство.

„Наша темелна и одлучна определба со овој предлог-закон е превенција на насилството во семејството, но и обезбедување сигурност и заштита на жртвата на семејно насилство, овозможување помош за надминување на последиците од доживеаното насилство, како и создавање  услови за економско јакнење и интеграција на жртвите“, рече Диме Спасов, министер за труд и социјална политика.

Статистиката на обединетите нации покажува дека во Македонија 93 проценти од сторителите на семејно насилство се мажи, 82 проценти од жртвите се жени, а само 4 проценти се мажи.

„Ние како Обединети нации, на овој закон гледаме како на крупен чекор за Македонија и пример што треба да го следат другите земји“, рече Луиза Винтон, постојан  претставник на Програмата за развој на Обединетите нации и постојан Координатор на Обединетите нации.

Во случај на непочитување на изречените судски мерки  за заштита е предвидена и парична казна во висина од 2.500 до 5.000 евра.

Ана Јосифоска Тодоровска