Македонија

Различни ставови за барањата на синдикатите

26.08.2024 14:27

По информацијата дека наставниците ќе добијат повисоки плати, но во март, и најавата од Независниот синдикат дека на 2-ри септември ќе излезе на протест, премиерот Мицкоски дециден – со ребалансот се обезбедени пари за законските усогласувања. Тој е подготвен да седне на маса со синдикатите при кроењето на буџетот за идната година, но, и денеска обвини дека синдикалците се во координација со опозицијата и оти нивните барања за минималецот се политизирани. Првиот човек на СДСМ, Венко Филиче ги отфрли ваквите наводи. Тој ја повика власта да не бара изговори...

Синдикалните барања ја вжештија реториката меѓу власта и опозицијата. Откако побараа минималецот да се зголеми на 450 евра, што не е предвидено со ребалансот, премиерот Мицкоски вели дека е подготвен на седне на маса со синдикалните организации при формирањето на буџетот за следната година. Но, тој повика прашањето да не се политизира и повторно обвини дека ССМ се координира со опозицијата. Мицкоски вели дека во овие месеци успеале да ги консолидираат јавните финансии и институциите кои биле пред распад – и оти со ребалансот успеале да обезбедат пари за законските усогласувања.

Претседателот на СДСМ, Венко Филипче негира дека неговата партија се координира со ССМ. Тој ја повика власта да не бара изговори за да не ги покачи платите, правдајќи се дека нема пари во буџетот. „Владата да биде природен партнер на синдикатите, а не да се служи со подметнувања за наводна спрега на опозицијата“, рече Филипче.

Наставниците за повисоки плати ќе почекаат до март. Поради ова, Независниот синдикат за образование и наука најави протести за 2-ри септември, кога почнува новата учебна година.

 

Игор Панов