Масовен руски напад врз Украина
Русија изврши масовен удар со дронови врз Украина. Во 16 региони, вклучително и во Киев прогласена воздушна тревога. Има жртви, повеќе градови останаа без електрична енергија. Во нападот врз хотел во Краматорск загина соработник на Ројтерс...

Украина го доживеа најголемиот руски напад од почетокот на војната. Сирени за опасност огласени низ 15 региони. Експлозии во Киев, Харков, Одеса, Запорожје. Има жртви и повредени.
„Само што стигнавме до засолништето и слушнав експлозија. Во Вибер-групата прочитав дека нашиот сосед бил убиен од шрапнел“, рече жител на Днепар.
Во Запорожје оштетен објект на енергетска инфраструктура. По експлозиите во Киев, нема струја и вода, во метрото под градот – засолнети луѓе.
„Тргнав на работа кога се огласија сирените и останав тука да чекам“.
„Оваа војна веќе не може да се издржи. Живееме во голема тензија“.
Руска ракета погоди и хотел во Краматорск. Загина член на репортерска екипа на Ројтерс, двајца се тешко повредени-потврди новинската агенцијата. Зеленски тврди дека во нападот биле истрелани над 100 проектили и уште толку дронови. Ги повика сојузниците да се обединат и да стават крај на оваа војна, барајќи од западот да дозволи Киев да го користи оружјето со долг дострел.
„Ако единството функционира толку добро на Блискиот Исток, би требало да функционира и во Европа. Животот секаде има иста вредност. Не може да има ограничувања на опсегот во Украина кога терористите немаат такви ограничувања. На бранителите не може да им се ограничи оружјето кога Русија користи сопствено оружје од секаков вид и балистички ракети од Северна Кореја. Америка, Британија, Франција и другите партнери имаат моќ да ни помогнат да го запреме теророт. Ни требаат решенија“, изјави Володимир Зеленски, претседател на Украина.
По жестокиот руски бараж активирана полската и воздушната одбрана на НАТО.
„Нашите радари беа во целосна готовност кога беше нарушена нашата воздушна граница од украинска страна. Бевме подготвени да го собориме објектот, но немавме визуелна потврда, а потоа се изгуби од нашите радари“, изјави Јацек Горишевски, портпарол на оперативната команда на полската армија.
Во исто време, остатоци од дронови лансирани од Украина насочени кон руската област Саратов оштетиле неколку куќи. Од Кремљ го повторија ставот дека Москва ќе одговори на украинскиот упад во Курск, додека борбите продолжуваат. Од друга страна, украинското МНР соопшти дека Белорусија ги собира своите војници, оружје и тенкови на границата со Украина.
Бојана Крстевски
