Здравство

Расте бројот на заразени со Ковид, надлежните смируваат

26.08.2024 14:42

Иако многумина, пред почетокот на новата учебна година стравуваат од Ковид-19, надлежните смируваат – состојбата е стабилна. Има пораст на бројот на заразени, но, не и на пациенти со тешки форми на болеста. Земјава деновиве ќе добие донација од 11.000 вакцини…

Расте бројот на заразени од Ковид, а наближува учебната година. Учениците се враќаат во училишните клупи во затворени простории. Според последните информации на Институтот за јавно здравје, дневно се регистрирани околу 30 нови случаи.

Новите варијанти иако се позаразни, надлежните уверуваат дека нема простор за паника, бидејќи не манифестираат тешка клиничка слика. Но, кај граѓаните стравот е присутен.

Доктор Мехмедовиќ вели дека и минатата година состојбата била доста слична, со благ пик во текот на летото, но со почетокот на септември и на есенските денови немало драстично зголемување на бројките на заболени.

Министерот за здравство Таравари смирува. Наредната недела ќе пристигнат 11.000 вакцини за Ковид-19.

Лекарите препорачуваат вакцина да примат постарите лица над 65-годишна возраст и хронично болните. Од Комисијата за заразни болести со апел, превентивно во здравствените установи да се користат маски и да нема чести групирања во затворени простории. Да се води сметка и за личната хигиена и да не избегнува контакт со заразено лице.

Ана Јосифоска-Тодоровска