Идентификувани уште 10 насилници, полицијата е подготвена да интервенира
Помала група етнички Албанци попладнево мирно протестираа пред зградата на судот во Куманово...

Полицијата идентификуваше уште десетмина насилници кои учествуваа во петочните демонстрации. Со тоа бројот на пријавите се искачи на 34. Дел од нив одговараат кривично. Им се заканува затвор до три години, ако во судска постапка се утврди дека сториле насилство. Само десетмина ќе поминат со полесна, прекршочна парична глоба.
Министерката Јанкулоска вели дека полицијата е подготвена да интервенира и во случај на нови протести.
„Во однос на протестите кои за крајот на неделата се најавуаат во Република Македонија, јас најпрво сакам да апелирам до лицата кои размислуваат да учествуваат на овие протести без разлика која е причината, мотивот или целта на протестите, да протестираат мирно и притоа да се воздржат од било какви нарушувања на јавниот ред и мир и било какво насилство“, рече министерката за внатрешни работи, Гордана Јанкулоска.
Јанкулоска го осуди палењето на македонското знаме пред нашата амбасада во Приштина по вчерашните протести во косовската престолнина.
Помала група етнички Албанци попладнево мирно протестираа пред зградата на судот во Куманово. Незадоволни се од првостепената пресудата во случајот „Монструм“ со која шестмина обвинети за петкратното убиство кај смиљковското езеро се осудени на доживотна робија.
Анита Димитријевска
