Се намалуваат летовите на македонските аеродроми и изборот за патувања до странските земји
Алармантна состојба за туристичкиот сектор. Листата на летови на македонските аеродроми станува се покуса. Се стеснува изборот за патувања до странските земји. На адреса на турската компанија ТАВ, сè почесто стигнуваат информации од авиокомпаниите дека го намалуваат бројот на летови. Само со најавите на две авиокомпании, идната година ќе бидат понудени над 150 илјади седишта. Визер ќе лета помалку во дури 14 земји, а грчката авиокомпанија поретко ќе патува кон Атина...

Се стега обрачот за патувања со авион до странски дестинации. Нискобуџетни компании намалуваат летови од скопскиот и од охридскиот аеродром. „Визер“ ги крати линиите кон Норвешка, Романија, Грција, Кипар, Шведска, Литванија, Исланд, Полска, Холандија, Франција, Германија, Латвија и Малта. И грчката авиокомпанија „Ејџијан ерлајнс“ планира да го намали бројот на летови од Атина кон Скопје. Од турскиот концесионер „ТАВ“ за МТВ велат дека се работи за подобрување.
„Активно работиме на развој на мрежата на авиолинии и сме во постојана тесна соработка со повеќе авиокомпании за да го минимизираме влијанието на какво било намалување на фреквенции на летови“.
Познавачите на состојбите откриваат дека авиокомпаниите во следниот период уште повеќе ја стеснуваат листата на летови на македонските аеродроми.
„Ќе се скуси листата за над 150.000 седишта, што воопшто не е добро за македонските патници кои сакаат да отпатуваат со овие превозници“, вели Љупчо Јаневски, екс-директор на Агенцијата за поддршка на туризмот.
Иако бројот на посетители се зголемува, странските туристи се помалку денови поминуваат во земјава, потврдува статистика. Туристичките работници сметаат дека надлежните не ги искористуваат потенцијалите на туризмот, кои може да донесат приход од милијарда евра годишно.
„Мора да се работи поактивно“, додава Јаневски.
Само минатата 2023, двата македонски аеродрома ја завршија година со близу 3,15 милиони патници и биле опслужени 23.949 летови.
Борис Грујоски
