Трошењето на екс-министерката Костадиновска-Стојчевска под лупа на ДКСК
Антикорупциската комисија ќе го испитува трошењето од службена картичка на поранешната министерка за култура, Бисера Костадиновска-Стојчевска. По обвинувањата на опозицијата дека потрошила повеќе од 700 фунти државни пари за куфери и подароци за време на службено патување во Лондон, таа се брани дека сите трошења за лични потреби биле реализирани исклучиво од приватна сметка...

Министерството за култура има рок од 15 дена да ги достави податоците за трошењата на екс-министерката Костадиновска-Стојчевска. Антикорупциска отвори предмет за патувањето во Лондон. Комисијата ги истражува наводите за злоупотреба на народни пари и ако има законски прекршувања, ќе постапи по нив.
Поранешната министерка се правда дека дел од трошоците се направени за, како што вели, обезбедување основни услови за нормално функционирање на службено патување после лет на кој и бил изгубен багажот. Тврди дека куферите се купени од сопствена сметка, а сè останато е манипулација на ВМРО-ДПМНЕ.
Поранешната министерка до сметководството во култура ги доставила и сметките кои ги покрила со народни пари, тврдат од ВМРО-ДПМНЕ. Со пари од буџетот купувала лична облека, куфери, играчки и потрошила нешто над 700 фунти, иако нејзиниот службен лимит е до 60 евра.
Од владејачката партија најавија дека и во наредните денови ќе продолжат со детали, за како што го нарекуваат скандалот „Бисера Антоанета“.
Анита Димитријевска – Велковска
