Шенах и Волтер утре во Македонија
Постизборните мисии се многу ретка практика и се надевам, вели Николовски, дека Македонија за последен пат ќе биде доведена во ваква ситуација...

Опозицијата да се врати во парламентот, ова е клучната порака според шефот на македонската мисија во Парламентарното собрание на Советот на Европа, Николовски, со која утре доаѓаат првиот човек на набљудувачката мисија Шенах и известителот за Македонија, Волтер. Агендата во еднодневната посета набиена.
Првата средба најверојатно, вели Николовски, ќе биде со опозицискиот лидер.
„Целта на оваа мисија и на овие двајца господа кои доаѓаат е да направат силен притисок врз опозицијата да се врати во Парламентот. Тоа е првичната причина и идеја зошто доаѓаат и се надеваат дека пораката која што ќе ја испратат ќе е силна и директна кон опозицијата. Се надеваат на позитивни резултати“, вели Алекаснар Николовски, шеф на македонската мисија во ПССЕ.
Постизборните мисии се многу ретка практика и се надевам, вели Николовски, дека Македонија за последен пат ќе биде доведена во ваква ситуација. Проблеми има и тие треба да се решаваат, но само во институциите. Нема, вели, друга држава во Европа во која опозицијата се одлучила на ваков чекор.
„Ние сме спремни да разговараме за се, се додека е во рамки на институциите, во случајов се додека е во рамки на парламентот и тоа е тоа на што ние инсистираме, а на истото инсистираат и нашите пријатели од Стразбур“, додава Николовски.
Она што утре Шенах и Волтер ќе го скенираат ќе влезе во извештајот на мониторинг комиетот и според Николовски ќе се рефлектира на есенскиот извештај од Брисел, можноста Македонија да ја изгуби препорака веќе дел од аналитичарите ја најуваат како можен епилог, но Николовски очекува дека по утрешната средба опозицијата ќе ја преиспита одлуката со што ќе овозможи и нормализирање на политичкиот дијалог.
Виолета Димовска
