БЛИСКИ ИСТОК

Израел и Хезболах продолжуваат со заканите

27.08.2024 09:40

Продолжуваат заканите меѓу Израел и Хезболах. Тел Авив е решен да елиминира повеќе команданти на милитантната група. Вашингтон соопшти дека има напредок во преговорите за прекин на огнот во Газа, но заканата од ирански напад сè уште постои. За Техеран одговорот е неизбежен.

Ризикот од поширока војна на Блискиот Исток е малку намален по последните ракетирања на израелско-либанската граница, но заканата од Иран и натаму останува, изјави највисокиот американски генерал, Чарлс Браун по тридневната посета во регионот. Техеран потврдува, одговорот е неизбежен.

„Иран ќе одлучи, како и кога да се одмазди. Оската на отпорот ќе се одмазди за крвта на Ханија. Нападот на Хезболах врз Израел, вчера, е само дел од одмаздата“, изјави Мохамад Багери, шеф на иранските вооружени сили.

Од Тел Авив пак, велат, работата со Хезболах сè уште не е завршена. Одлучни се да ги уништат милитантите.

„Работата против Хезболах сè уште не е завршена. Израел е решен да елиминира повеќе команданти на терористичката организација и работи деноноќно до целта, безбедно да ги врати жителите на северен Израел во своите домови“, Херзи Халеви, началник на Генерлштабот на израелската војска.

ООН изразуваат длабока загриженост и повикуваат на деескалација.

„Овие акции го ставаат на ризик и либанското и израелското население, загрозувајќи ги регионалната безбедност и стабилност. Генералниот секретар повика на итна деескалација во регионот“, изјави портпаролот на генералниот секретар на ООН, Стефан Дужарик.

Растат тензиите и на Западниот Брег додека Израел ја продолжува офанзивата во Газа. Наспроти тврдењата дека преговорите за прекин на огнот пропаднале, од Белата куќа тврдат-биле конструктивни, остануваат активни на ниво на работни групи.

„Дискусиите напредуваа до точка каде што се чинеше дека следниот логичен чекор е да се формираат работни групи на пониски нивоа за да се разработат деталите“, изјави Џон Кирби, портпарол на Советот за национална безбедност на САД.

Информацијата ја потврди и портпаролот на израелската влада. Во истовреме најавувајќи дека во наредните денови во Газа ќе биде извршена вакцинација на децата по пристигнувањето на над милион дози вакцини против детска парализа.

 

Бојана Крстевски