Тешко е да се биде рудар во Македонија
Во пресрет на Денот на рударите, во РЕК Битола пригодни подароци за рударите кои заминуваат во пензија и кои по над четири децении работа оставиле длабоки траги. Велат, ова е тешка професија и во екстремно лоши временски услови мора да се обезбедат потребните количини на јаглен за трите термоцентрали…
Не случајно се вели рударскиот леб има седум кори. Рударите од рековските рудници близу половина век тоа го чувствуваат. Благојче Трипуновски како ракувач на одлагач по четири и пол децении стаж деновиве заминува во пензија. Вели, тешко е да се биде рудар тука и да се експлоатираат јагленовите наслаги во лето на плус 50 степени и прашина, или во зима во кал, густа магла и екстремен студ.
Но, задачата е јасна. Без разлика на временските услови, мора да се обезбеди потребната храна за термоелектраните. Тоа е поврзан систем, едно без друго не може, вели Џевдет Џеловски кој 42 години ги извршуваше задачите ракувач на бункерскиот дел на депонија.
За она што оставиле како длабока трага, добија скромни признанија. Но, и на заминувања грбот не го вртат, велат, доколку во тешки моменти има потреба-тука сме да помогнеме. Пораката до наследниците е посветено да ја работаат оваа тешка и одговорна дејност.
Стевче Митревски
