Влада

Претставена нацрт-реформската агенда за периодот 2024 – 2027 година

27.08.2024 13:47

Реформската агенда е подготвена во тесна соработка со Европската комисија и ќе опфати приоритетни области како што се реформите на јавната администрација, енергетската транзиција, сајбер безбедноста, дигитализацијата, развојот на човечкиот капитал и подобрување на деловното опкружување.

Интеграцијата во Европската унија е наша стратешка цел. Премиерот Мицкоски и министерот за европски прашања Муртезани на прес-конференција ја претставија Нацрт- реформската агенда за периодот 2024 – 2027 година.

Се темели на четири столбови – зајакнување на европската интеграција, регионална економска интеграција и соработка со соседите, забрзување на фундаменталните реформи, зголемување на финансиската помош за реформите.

„Според формулата, за нас треба да припаднат 750,4 милиони евра за периодот 2024-2027. Реформската агенда за периодот 2024-2027 треба да биде усвоена од Европската комисија, со што ќе се отвори можноста за потпишување на Договор за механизмот за реформи и раст и Договор за заем. По ратификацијата на договорите, пак, ќе биде поднесено барање за повлекување на првата транша во висина од 7% од алокација на средствата, односно околу 52,5 милиони евра“, изјави премиерот Мицкоски.

Реформската агенда е подготвена во тесна соработка со Европската комисија и ќе опфати приоритетни области како што се реформите на јавната администрација, енергетската транзиција, сајбер безбедноста, дигитализацијата, развојот на човечкиот капитал и подобрување на деловното опкружување.

Според премиерот, овие приоритети се клучни за подобрување на квалитетот на живот на граѓаните и за обезбедување на долгорочна стабилност и напредок.