Охридско лето: Ѕвездите и нивните желби
Два луксузни автомобили, многу свежо овошје и вода, тоа се специфичните барања на големите оперски ѕвезди Барбара Фритоли и Лео Нучи од Италија, кои ќе го отворат фестивалот „Охридско лет“. Нивните желби се скромни ако се знае дека во изминатите изданија на фестивалот дел од мега ѕвездите посакале месо од ајкула, грозје без семки, огледала со специфични димензии и ред други нешта, кои се набавувале од странство.

На Петровден, на 12-ти јули на отворањето на Охридско лето на сцената на Античкиот театар ќе блеснат две оперски звезди, сопранот Барбара Фритоли и еден од најголемите баритони на денешницата, Лео Нучи. Тие ќе бидат сместени во еден од најлуксузните хотели на охридската ривиера „Инекс-Гориц“,каде што екипата на МРТ истражуваше дали тие имале некои специфични желби во однос на храната и сместувањето.
„Големите музички виртуози Нучи и Фритоли немаат некои посебни барања. Побараа само свежо овошје и вода, но ние секако ќе им понудиме она што е карактеристично за македонската традиционална кујна и она што е синоним за Охрид кога се зборува за храната,охридска пастрмка“, вели Елена Ристоска, маркетинг-менаџер на Хотел „Инекс-Горица“.
Во изминатите три години иако на Охридско лето доаѓале големи звезди,тие имале скромни барања во споредба со некои од минатото.
„Сме имале побарувања кои се поврзани со месо од ајкула, грозје без семки, огледала со специфични димензии, посебна влажност во просториите за сместување и подготовка и многу други угостителски и светлосни побарувања“, вели Елизабета Јанкуловска, Директор на Фестивалот „Охридско лето“.
Се е подготвено за дочекот на ѕвездите на ова фестивалско издание, кои како што се очекува ќе се воодушеват од древниот град.
Утрото пред концертот врвните уметници на оваа тераса ќе го испијат утринското кафе и ќе уживаат во најубавиот поглед на Охрид.
Тоа секако треба да биде дополнителна инспирација за нив да им приредат на охриѓани и гостите уште една фестивалска вечер која долго ќе се памети.
Сашо Нелоски
