Љутков: Откриени се страшни злоупотреби во работењето на Костадиновска
Трошењата од службената картичка за лични потреби од страна на ексминистерката за култура Костадиновска-Стојчевска, се само дел од злоупотребите кои се случувале во институцијата за време на нејзиното раководење, вели министерот Љутков. Работни групи работат на повеќе процеси кои се случувале во изминатите години. Денеска Антикорупциска за случајот отвора и предмет.

Откриени се страшни злоупотреби во работењето на поранешната министерка за култура, Бисера Костадиновска, тврди актуелниот прв човек на ресорот, Зоран Љутков. Формирал работни групи за добие отчетност за трошењата.
Овие работни групи, информира Љутков, досега откриле неправилности во работењето на Костадиновска, не само во однос на трошењето на службените пари, туку и злоупотреби во однос на капиталните инвестиции.
Токму овие работни групи го открија и скандалот со трошењето народни пари од службена картица за личните потреби на Костадиновска, вели Љутков.
За случајот, предмет отвори и Државната комисија за спречување на корупција. Од ресорното министерство побарана е документацијата, релевантна за истрагата.
ВМРО-ДПМНЕ секојдневно објавува информации за службеното патување на екс-министерката. Костадиновска-Стојчевска, пак, тврди дека трошоците ги направила бидејќи авиокомпанијата со која патувала до Лондон и го загубила багажот и имала потреба да обезбеди услови за нормално функционирање.
Марија Котовска
