Жестоки руски напади низ Украина, Зеленски најави одговор
Втор ден масовни руски напади низ Украина. Гори во Киев. Погоден хотел во Криви Рих, има жртви и повредени. Ракетирани Запорожје и Херсон. На руско тло украинските трупи водат жестоки борби…

Продолжуваат масовните руски напади низ Украина – во Киев, Криви Рих, Запорожје и Херсон. Има загинати и повредени. Жестоки борби се водат и на руско тло. Москва соопшти дека силите на Киев се обидуваат да ја пробијат јужната граница кај Белгород. Слична е состојбата и во Курск. Во областа допатува генералниот директор на Меѓународната агенција за атомска енергија Рафаел Гроси, за лично да направи увид во нуклеарната централа. Зеленски одново ја нагласи потребата од употреба на оружје со долг дострел.
„Секој од овие напади постојано не враќа на задачата за способности со долг дострел – потребата да им обезбедиме на нашите сили доволно оружје што може да ги уништи терористите токму во областите на нивните удари“, изјави украинскиот претседател Зеленски.
Осуда за руските гранатирања пристигна од Белата Куќа. Велат дека нападите се класична игра на Путин. Шефот на руското МНР вели дека обидите на Украина да ги убеди западните земји да употребат странско оружје кон руските градови е уцена.
„Ова е уцена, ова е обид да се преправаме дека Западот сака да избегне прекумерна ескалација. Меѓутоа, Западот не сака да избегне ескалација, а ми се чини дека тоа е веќе очигледно за сите“, нагласи шефот на руската дипломатија, Лавров.
Во меѓувреме, Кина упати повик, што повеќе земји да го поддржат нејзиниот мировен план за Украина.
„Сите страни се загрижени дека Западот продолжува да ги олабавува условите за Украина да ја нападне руската територија. Веруваме дека со повеќе луѓе кои ќе се приклучат на повикот, ќе има поголема надеж за деескалација, а изгледите за мир ќе бидат посветли“, изјави Ли Хуи, специјален пратеник на кинеската влада за евроазиски прашања.
Пред повеќе од една година Кина претстави документ од 12 точки во кој се наведени принципите за крај на војната. Досега мировни иницијативи беа претставени и од Унгарија и Турција, а беше и одржана мировна конференција во Швајцарија по иницијатива на украинскиот претседател, на која немаше претставник од Русија.
Маријана Димовска
