Влада

Мицкоски: Имаше обид да ме поткупат за Коридорот 8

27.08.2024 16:26

Имаше обид да ме поткупат за Коридорот 8 – обелодени премиерот Мицкоски. Од него било побарано да ја прифати тендерската документација за пругата кон Бугарија до истекот на рокот на 17-ти септември. Не кажа кој стои зад поткупот, но вели информирани се сите надлежни институции. Претседателот на Владата и министерот за европски прашања денеска на прес-конференција во Владата посочија дека интеграцијата во Европската унија е наша стратешка цел...

На премиерот Мицкоски му бил нуден поткуп за тендерот за изградба на пругата кон Бугарија. Како што рече шефот на Владата, од него било побарано да ја прифати тендерската документација до истекот на рокот на 17-ти септември. Премиерот не откри кој стои зад поткупот, но рече дека за ова веќе ги известил партнерите од ЕУ.

Премиерот Мицкоски информираше дека е усвоена Нацрт-реформската агенда, според која за Македонија се предвидени 750,4 милиони евра за периодот 2024-2027. Со усвојувањето на агендата, ќе се отвори можноста за потпишување на договорот за механизмот за реформи и раст и договор за заем со Брисел и за повлекување на првата транша од 52,5 милиони евра. Реформската агенда е подготвена во тесна соработка со Европската комисија и ја опфаќа јавната администрација, енергетската транзиција, кибербезбедноста, дигитализацијата, развојот на човечкиот капитал и подобрувањето на деловното опкружување.

Планот за раст на ЕУ, предвидува над 6 милијарди евра, од кои 2 милијарди евра се грантови за забрзување на инфраструктурните проекти и реформите во Западен Балкан.

 

Игор Панов