ИЗРАЕЛ

Спасен заложник киднапиран од Хамас во нападот на 7-ми октомври

27.08.2024 21:12

Како што беше соопштено, војниците во сложена операција во јужниот дел на Појасот Газа го спасиле 52-годишниот израелски државјанин со арапско потекло Каид Фархан Алкади...

Израелската армија спаси еден од заложниците киднапирани од Хамас во нападот на 7-ми октомври. Како што беше соопштено, војниците во сложена операција во јужниот дел на Појасот Газа го спасиле 52-годишниот израелски државјанин со арапско потекло Каид Фархан Алкади. Милитантите на Хамас киднапираа околу 250 луѓе во нападот врз Израел на 7-ми октомври, кога беа убиени околу 1.200 луѓе, главно цивили, а по што беше започнат израелскиот напад врз Хамас.

„Изутринава, воините го спасија Фархан од подземен тунел во јужниот дел на Газа. 52-годишен жител на Рахат е татко на единаесет деца. Неговата состојба е добра и се сретна со семејството“, изјави Даниел Хагари, портпарол на израелската одбрана.

„Добредојдовте дома, Фархан Алкади. Работиме неуморно за да ги вратиме сите наши заложници. Ова го правиме на два начини: преку преговори и операции за ослободување. Ќе продолжиме да дејствуваме вака додека сите не ги вратиме дома“, изјави Бенјамин Нетанјаху, премиер на Израел.