Зеленски: На САД ќе им презентирам мировен план
Жестоки руски напади низ неколку украински региони. Има загинати и повредени. Борби и на руско тло. Москва соопшти дека силите на Киев дејствуваат во Белгород и Курск. Зеленски одново ја нагласи потребата од употреба на оружје со долг дострел. Од руското МНР велат дека западот не сака деескалација. Кина бара поддршка за мировниот план за Украина...

Продолжуваат масовните руски напади низ Украина – во Киев, Криви Рих, Запорожје и Херсон. Има загинати и повредени. Жестоки борби се водат и на руско тло. Москва соопшти дека силите на Киев се обидуваат да ја пробијат јужната граница кај Белгород. Слична е состојбата и во Курск. Украинскиот претседател вели дека во септември ќе го сподели својот „план за победа“ и со американските претседателски кандидати Камала Харис и со Доналд Трамп.
„Планот ќе вклучува дипломатски и економски чекори, независни од украинската инвазија на Курск, што е исто така дел од стратегијата за охрабрување на Москва да почне мировни преговори“, изјави Володимир Зеленски, претседател на Украина.
Генералниот директор на Меѓународната агенција за атомска енергија Рафаел Гроси направи увид во нуклеарната централа во Курск.
„Овде постои опасност од нуклеарен инцидент. Фактот дека се водат воени операции на неколку километри од нуклеарната електрана предизвикува големи стравови и загриженост за безбедноста“, Рафаел Гроси директор на Меѓународната агенција за атомска енергија.
Во меѓувреме, шефот на руското МНР вели дека обидите на Украина да ги убеди западните земји да употребат странско оружје кон руските градови е уцена.
„Ова е уцена, ова е обид да се преправаме дека Западот сака да избегне прекумерна ескалација. Меѓутоа, Западот не сака да избегне ескалација, а ми се чини дека тоа е веќе очигледно за сите“, изјави Сергеј Лавров, министер за надворешни работи на Русија.
Од инвазијата на Украина во 2022 година, Путин постојано предупредуваше на ризикот од многу поширока војна, во која ќе бидат вклучени најголемите нуклеарни сили, иако тој рече дека Русија не сака конфликт со НАТО.
Маријана Димовска
