Офанзивата на Израел продолжува, спасен заложник
Во Појасот Газа тенковите напредуваат во правец на Деир ел Балах. Операциите продолжуваат и на југот во Кан Јунис...

Најмалку седум лица загинаа во најновите израелски напади на Западниот брег. Во Појасот Газа тенковите напредуваат во правец на Деир ел Балах. Операциите продолжуваат и на југот во Кан Јунис. Најмалку 20 луѓе загинаа во воздушен напад. Тел Авив соопшти дека успеале да го ослободат израелскиот заложник Каид Фархан Алкади од тунел на југот од енклавата.
„Успешно е спасен еден од нашите заложници од подземен тунел во јужниот дел на Газа. 52-годишниот Фархан е татко на единаесет деца. Неговата состојба е добра, тој се сретна со семејството“, изјави Даниел Хагари, портпарол на израелската одбрана.
„Добредојдовте дома, Фархан Алкади. Работиме неуморно за да ги вратиме сите наши заложници-преку преговори и операции за ослободување. Ќе продолжиме да дејствуваме сè додека не ги вратиме сите дома“, изјави Бенјамин Нетанјаху, премиер на Израел.
Работните групи во Каиро продолжуваат со преговорите за прекин на огнот.
