Образование

Едносменска настава во шест училишта во Охрид

28.08.2024 12:20

Во Охрид во шест училишта започнува едносменска настава. Во земјава 124 основни и средни училишта се подготвени за воведување на истата. Министерката за образование вели учениците оваа учебна година ќе имаат учебници, а преку јавна расправа ќе се ревидира наставната програма од 1 до 9-то одделение …

Во едно средно и во пет основни училишта во Охрид започнува едносменска настава, во земјава 124 школи се подготвени за воведување на истата. Во меѓувреме се прават анализи со доградба на училници да може да се воведе во уште 50-тина училишта.

Според надлежните, овој вид на настава има повеќе бенефити, учениците се пофункционални во претпладневните часови, повеќе време за семеен живот, но и заштеда на енергија и ресурси во образовните институции.

„Учениците секогаш се пофункционални во оние утрински часови, сите оние работни задачи полесно може да ги завршат за разлика од оние доцни часови, седми или осми час кога се случува да биде во 20 ч. Во однос на ангажираноста но и во однос на онаа работа со продолжениот престој. Самиот начин на функционирање значи и заштеда на ресурсите на енергетските“, изјави Перчо Божиноски, претседател на Совет на општина Охрид.

Министерката за образование вели учениците оваа учебна година ќе имаат учебници, а преку јавна расправа ќе се ревидира наставната програма од 1-во до 9-то одделение.

„Сега децата ќе имаат печатени хартиени книги пред себе изработени во вид на материјали за учење од страна на Бирото за образование и од поедини автори. Има реакции и на наставници и на родители, значи оваа година ги ставивме на јавна расправа наставните планови и програми за 7-мо и 8-мо одделение. И таа јавна расправа е сè уште отворена кога ќе заврши ќе ја ставиме на јавна расправа и програмата за 9-то одделение“, изјави Весна Јаневска, министерка за образование.

Новиот концепт настава во една смена подразбира осум часа во училиште, следење настава, подучување, завршување на домашни обврски и дополнителни наставни активности. Развојно во следните неколку години ќе се прилагодуваат сите училишта за настава во една смена.

 

Соња Рилковска