Блиски Исток

Израел почна голема операција во Западниот Брег, Тел Авив тврди дека целта е борба против тероризмот

28.08.2024 11:41

Израел почна голема операција во Западниот Брег. Се одвива во четири градови. Тел Авив тврди дека целта е борба против тероризмот, Палестинците јавуваат за повеќе од 10 загинати. Борби и во Газа – Израелците успеале да ослободат еден од заложниците...

Израелска антитерористичка акција на Западниот Брег. Во напади со беспилотни летата врз Џенин и Тубс пријавени жртви. Рација се спроведува и во Тулкарем-област од каде што наводно бил испланиран бомбашкиот напад што се случи во Тел Авив. Продолжи уништувањето на воената опрема на Хезболах во Либан. Во Газа загина израелски војник, додека жртви и повредени има во воздушен напад на Кан Јунис.

„Го слушнавме звукот на ударот, а потоа и експлозијата. Истрчавме и видовме како гори. Не не информираа ниту предупредија за да се евакуираме, ова е неправда. Ова е недозволиво што го прават со народот. Доста е“, изјави локална жителка.

Од подземен тунел на југот од енклавата ослободен израелскиот заложник Фархан Алкади.

„Успешно е спасен еден од нашите заложници од подземен тунел во јужниот дел на Газа. 52-годишниот Фархан е татко на единаесет деца. Неговата состојба е добра, тој се сретна со семејството“, изјави Даниел Хагари, портпарол на израелската одбрана.

Спасувањето донесе редок момент на радост, но и болен потсетник дека десетици заложници сè уште се во заробеништво. Во телефонски разговор со Нетнјаху, Алкади потсети дека луѓето чекаат да бидат ослободени.

„Благодарен сум што ме спасивте и што можам да го видам семејството и да бидам тука со нив, но таму има други луѓе кои сè уште чекаат“, изјави Каид Фархан Алкади, спасен израелски заложник.

Нетанјаху повтори дека никој не е заборавен и дека се посветени да ги вратат сите заложници.

„Работиме неуморно за да ги вратиме сите наши заложници-преку преговори и операции за ослободување. Ќе продолжиме да дејствуваме сè додека не ги вратиме сите дома“, изјави Бенјамин Нетнајаху, премиер на Израел.

Меѓународните посредници ги продолжуваат преговорите на ниво на работните групи во Каиро за прекин на огнот во Газа и за ослободување на другите заложници.

 

Бојана Крстевски