Во охридските училишта се воведува 24-часовно обезбедување
Општина Охрид воведува 24-часовно обезбедување во основните и средните училишта. Целта е намалување на потенцијалните ризици од насилство и обезбедување на безбедна средина за едукација. Во рамките на проектот „Безбедни училишта“ поставен е и видеонадзор во три средни и пет основни училишта.

Во охридските училишта се воведува 24-часовно обезбедување. За прв пат оваа учебна година, Агенција за обезбедување ќе се грижи за безбедноста на основците и средношколците. Во рамките на проектот „Безбедни училишта“, поставен е и видеонадзор во три средни и пет основни училишта.
Целта е намалување на потенцијалните ризици, спречување насилство и булинг.
„Максимална безбедност ќе се овозможи на учениците, ќе имаме 24-часовен видеонадзор. Агенцијата за обезбедување ќе врши патролно обезбедување, а дополнително секој сменоводител ќе има на некој начин паник тастер кој ќе овозможува, во случај на потреба, брза интервенција“, вели Димитар Спасески, раководител на Секторот за образование.
Незначително е намален бројот на ученици во Охрид, а во шест училишта започнува едносменска настава.
„Ниту една паралелка нема да се намали. а се воведува едносменска настава. Тоа е исклучиво направено како резултат на бројните инвестиции и кабинетската настава којашто е воведена. Некаде ќе имаме потреба од доградба на училници. Ја правиме таа анализа, веројатно со помалку инвестиции ќе успееме да дојдеме до едносменска настава“, додава Спасески.
Охридските училишта се подготвени за стартот на учебната година, од Општина Охрид велат, со циклус инвестиции подобрени се условите во повеќето образовни објекти.
Соња Рилковска
