Дефект предизвика прекин во водоснабдувањето на Битола
Во битолските маркети веќе се лимитирани количините за продажба на вода за пиење. Причина е големиот дефект на пумпната станица „Довлеџик“ кој од раните утрински часови го прекина водоснабдувањето на градот. Од ЈП Водовод очекуваат во доцните попладневни часови да добијат вода…

Од раните утрински часови Битола е без водоснабдување. Нешто по полноќ сериозно е оштетен еден од највиталните делови на пумпната станица „Довлеџик“ од каде се испумпува вода од стрежевската акумулација.
Од ЈП Водовод велат дека се работи за децениски стар затворач, а причините за неговото оштетување се познати.
Новонастанатата состојба предизвика мала паника кај битолчани. Од маркетите масовно се купуваат пакети со питка вода, но тежи проблемот како да се одржува личната и домашната хигиена.
Додека стручните екипи интензивно работаат на санацијата, од Водовод најава дека цистерни со техничка вода ќе бидат поставени во месните заедници. Најоптимистичката прогноза е дека граѓаните вода ќе добијат во попладневните часови. Но, сепак точното време ќе го потврдат славините на чешмите.
Стевче Митревски
