ОН бара Израел да ги запре воените операции
Обединетите нации бараат Израел да ги запре воените операции во Западниот Брег. Тел Авив тврди дека има право да се брани од иранскиот терор. Во нападите во Газа погодено хуманитарно возило...

Обединетите нации бараат Израел да ги запре воените операции во Западниот Брег. Тел Авив тврди дека има право да се брани од иранскиот терор. Во нападите во Газа погодено хуманитарно возило кое се движело во конвој, УНРВА соопшти дека од почетокот на војната во Газа изгубила 212 вработени. На фронтот со Хезболах и натаму тензично.
„Нема да седиме со скрстени раце и да чекаме експлозии на автобуси и кафулиња во центрите на градовите. Операциите имаат јасна цел-спречување на иранскиот терор преку нивните полномошници кои би им наштетиле на израелските цивили“, изјави Дени Данон, амбасадор на Израел во ООН.
„Ова не е крајот на приказната. Крајот ќе дојде само кога ќе ја вратиме безбедноста, а жителите безбедно во нивните домови“, нагласи Бенјамин Нетанјаху, премиер на Израел.
САД воведоа санкции против израелска непрофитна организација и еврејски службеник на окупираниот Западен Брег, како дел од напорите да го запре насилството врз Палестинците. Вашингтон вели дека ги признаваат безбедносните потреби на Израел, но бараат заштита на цивилите. Највисокиот дипломат на ЕУ, Борел, одново потенцираше дека блокот треба да размисли за воведување санкции за некои владини министри во Израел поради нивните забелешки за војната во Газа.
„Белгија има фер и урамнотежена позиција во однос на овој конфликт. Важно е итно е да се ослободат сите заложници и да се придвижат разговорите кои водат до решение за две држави“, рече Хаџа Лахбиб, министер за надворешни работи на Белгија.
„Хуманитарен прекин на огнот е потребен за 2 милиони луѓе во Газа. Не може да се замисли што значи да се живее со месеци без доволно храна, хуманитарна помош и медицинска нега“, изјави Аналена Баербок, министер за надворешни работи на Германија.
Европската унија го критикуваше екстремно десничарскиот израелски министер Безалел Смотрич за сугерирањето дека би било „оправдано и морално“ да се изгладнат два милиони жители на Појасот Газа за да се ослободат десетици заложници држени на палестинска територија. ЕУ објави дека намерното гладување на цивили е воено злосторство.
Маријана Димовска
