Влада: Нема да помине ниту еден обид за поткуп
Министерството за транспорт и врски ги повлече членовите од Комисијата за евалуација за јавниот повик за изградба и надзор на пругата кон Бугарија. Причина – постапката и проектот се компромитирани по изнесените наводи на премиерот Мицкоски дека му се нудел поткуп да стави потпис на тендерот...

Повлечени се членовите на Комисиите кои требаше да извршат избор на изведувач и надзор за третата делница од пругата кон Бугарија, објави министерот за транспорт и врски, Александар Николоски. Вели со ова покажуваме дека со нас нема играње и дека ако некој мисли дека преку посредници може да влијае кај мене или кај премиерот, се лаже. Наивно е да се мисли дека овие понуди доаѓаат јавно на некоја средба, дециден е министерот Николоски.
Премиерот Мицкоски претходно обелодени дека му било понудено мито за тендерот за Коридорот 8, а се одело преку тајни канали за комуникација. Тој веќе ги информирал претставниците од Брисел и финансиерите на проектот.
По сето ова, извесно е дека ќе пропадне тендерот за изградба на пругата кон Бугарија, еден од стратешките проекти, кој речиси триесет години не може да се заврши. Според министерот Николоски државата останува целосно посветена на изградбата на оваа пруга, само откако ќе се добие реален проект, а не проект со 22 тунела и 56 моста, кој чини прескапи 20 милиони евра по километар.
Игор Панов
