Предлогот за именување на заменици министри во Владата пред пратениците

10.07.2014 10:39

Списокот со предлог имињата на заменици министрите во владата ќе се најде пред парламентарците. На дневен ред и неколку економски закони, законот за субвенционирање на станбен кредит и за еднократно отпишување на долгови...

Собранието на Република Македонија денеска ќе ја одржи осмата седница на која на дневен ред е Предлогот за именување на заменици министри во Владата на Република Македонија.
 
Согласно предлогот којшто премиерот Никола Груевски го достави до Собранието за заменик-министер во Министерството за одбрана се предлага Арбен Љабеништа, за заменик-министер за внатрешни работи Земри Џамиљи, за заменик-министер за правда Билјана Бришковска Бошковски и  за надворешни работи Драгана Кипријановска. За истата функција во Министерството за финансии предложен е Ардијан Џељадини, во Министерството за економија Христијан Делев и во Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство Ванчо Костадиновски.
 
За заменик-министер за здравство е предложен Јовица Андовски, за заменик-министер за образование Спиро Ристовски, за заменик-министер за труд Ибрахим Ибрахими, за заменик-министер за локална самоуправа Љупчо Пренџов, за заменик-министер за култура Драган Недељковиќ, за заменик-министер за информатичко општество Марта Арсовска Томовска, за заменик-министер за транспорт и врски Ниметула Хаљими и за заменик-министер за животна средина и просторно планирање Стево Темелковски.
 
Меѓу точките на осмата собраниска седница се и Предлог законот за изменување на Законот за субвенционирање на станбен кредит, по скратена постапка, Предлог законот за еднократно отпишување на долговите на граѓаните, Предлог на завршна сметка на Буџетот на Република Македонија за 2013 година, Предлог  законот за данокот на добивка.