Макрон: На Србија местото и е во ЕУ
Во Белград средба Вучиќ-Макрон. Вашето место е во Европската унија, може да послужите како пример за целиот Западен Балкан, порака од францускиот претседател. Србија се откажа од руските борбени авиони и нарача француски „Рафали“ за близу 3 милијарди евра...

Местото на Србија е во Европската Унија, изјави францускиот претседател, Макрон, кој е во дводневна посета на Белград. Двете земји потпишаа договор од 3 милијарди долари за купување на 12 француски воени авиони „Рафал“ и меморандуми и договори за соработка. Говорејќи за односите меѓу Белград и Приштина, францускиот претседател рече дека нормализацијата е составен дел од процесот на приближување кон Европската унија.
„Можеме заедно да ја консолидираме оваа стратешка автономија, за да ја зајакнеме нашата безбедност. Тоа не е исклучиво за ЕУ, туку во рамките на европската политичка заедница, а исто така и за земјите кои сакаат да влезат во ЕУ. Затоа, изборот на Србија за борбени авиони Рафал беше јасен и претставува долгорочен сојуз меѓу нашите две земји, во рамките на посилна, посуверена Европа“, изјави Емануел Макрон, претседател на Франција.
Русија е традиционален снабдувач на воени авиони, вклучително и борбени хеликоптери за Србија, која одби да се приклучи на меѓународните санкции против Москва поради инвазијата на Украина. Српскиот претседател рече оти е горд на политиката на Србија, која секогаш ја почитува Повелбата на ООН, што не може да се каже за многу земји на Запад.
„За нас ова е голема вест и ќе видите, ние ќе бидеме многу отворени со вас. Договорот беше потпишан за целосниот логистички пакет со резервни мотори и други работи. Договорот е вреден 2,7 милијарди евра. Дванаесет целосно нови авиони ќе бидат во сопственост на Република Србија“, изјави Александар Вучиќ, претседател на Србија.
Србија размислуваше за купување на новите авиони Рафал повеќе од две години. Претходно Хрватска купи исто така 12 употребувани борбени авиони од ист тип за околу една милијарда евра.
Маријана Димовска
