Регион

Србија купува 12 воени авиони Рафал од Франција за 2,7 милијарди евра

30.08.2024 12:14

Србија и Франција го засилуваат партнерството.Белград купува 12 француски воени авиони „Рафал“. Вучиќ и Макрон потпишаа неколку меморандуми за соработка и договор тежок речиси 3 милијарди долари...

Србија и Франција го засилуваат партнерството. Белград купува 12 француски воени авиони „Рафал“. Претседателите Вучиќ и Макрон потпишаа неколку меморандуми за соработка и договор тежок речиси 3 милијарди долари. Според шефот на француската држава, местото на Србија е во Европската Унија, а односите меѓу Белград и Приштина се составен дел од процесот на приближување кон блокот.

„Убеден сум дека на Европската унија и нејзините земји членки и треба силна и демократска Србија, а на Србија и треба силно европско единство за да ги брани своите интереси. Местото на Србија е во Европската унија, и може да игра важна улога и да служи како движечка сила за целиот регион на Западен Балкан. Ние сме решени да продолжиме да даваме поддршка во напорите за зајакнување на нејзината економија и подобрување на секојдневниот живот на граѓаните“, изјави францускиот претседател, Емануел Макрон.

Досега, Србија набавуваше воени авиони од Русија и новите „Рафал“ треба да ја заменат застарената флота на „МиГ-29“. За неповедувањето санкции кон Москва за војната во Украина, Претседателот Вучиќ вели дека е горд на политиката на неговата земја, која секогаш ја почитува Повелбата на ООН, што според него, не може да се каже за многу земји од Западот.

„За нас ова е голема вест и ќе видите, ние ќе бидеме многу отворени со вас. Договорот беше потпишан за целосниот логистички пакет со резервни мотори и други работи. Договорот е вреден 2,7 милијарди евра. Дванаесет целосно нови авиони ќе бидат во сопственост на Република Србија“, изјави српскиот претседател, Александар Вучиќ.

На вториот ден од посетата на Србија, францускиот претседател ги посети француските компании. Двајцата претседатели говореа на Форумот за млади и вештачка интелигенција во компанијата „Шнајдер електрик“ во Нови Сад.

 

Маријана Димовска