Политика

Мицкоски: Државата ќе се соочи со предизвици, да се стремиме кон нашите интереси

30.08.2024 12:52

Во периодот државата ќе се соочи со два крупни предизвика-обид на внатрешни структури за создавање нестабилност и обид од нашиот источен сосед да нè внесат во предизборната реторика, вели премиерот Мицкоски...

Во периодот државата ќе се соочи со два крупни предизвика-обид на внатрешни структури за создавање нестабилност и обид од нашиот источен сосед да нè внесат во предизборната реторика, вели премиерот Мицкоски во изјава за МИА. Апелира-да не наседнуваме на овие провокации. Вели ние си имаме наша стратешка цел и знаеме по кој пат треба да чекориме.

„Да не наседнуваме на овие провокации. Ние си имаме наша стратешка цел и знаеме по кој пат треба да чекориме. Знаеме што треба да направиме, знаеме што очекуваат граѓаните од нас и треба да го испорачаме тоа што тие го очекуваат од нас и за тоа ќе треба да работиме секој ден жестоко, напорно и посветено и најбитно чесно … Така што, од овде од Загреб мојата порака е – ве молам да се стремиме кон тоа што е наш интерес, да не влегуваме во замката на интересите на поединечни криминални структури внатре во земјата и да не влегуваме во замката да бидеме вовлечени во предизборната кампања и реторика кај нашиот источен сосед“, изјави Мицкоски.

Оваа естрада, во којашто, како што подвлече Мицкоски, ќе се обидуваат овие центри на моќ внатре, но и надвор од земјава да нè внесат „треба да ги гледаме одозгора, тие не го заслужуваат нашето внимание“.

Во однос на реакциите од бугарското МНР дека државата се оддалечува од евроинтеграциите со изјавата за репреговарање на Францускиот предлог, Мицкоски предупредува дека тие ќе се обидат да нè внесат во предизборната реторика и да предизвикаат реакција од наша страна за ние да бидеме лошите.