По двајца штипјани дневно бараaт плаќање на сметките за вода на рати
ЈП „Исар“ од Штип е првото јавно претпријатие во источниот регион кое нуди можност за отпис на каматите и плаќање на заостанатите долгови за вода на рати. По двајца штипјани дневно бараат сметките да си ги платат на рати. За еден месец склучени се околу 70 договори. Наплатата во јавното претпријатие е зголемена за 11 отсто...

Штипјанката Македонка Атанасова за вода должи 4.000 денари. Неколку месеци трошела но, не можала да плаќа. Сега сака потрошеното да си го плати на рати.
„Имам заостанат долг од 4.000 денари. Сега е многу подобро што имам можност долгот да го платам на рати. Месечно ќе издвојувам по 300 денари“, изјави Македонка Атанасова.
Штипското јавно претпријатие „Исар“ е прво во источниот регион кое на должниците им понуди можност за склучување на договори за враќање на долгот на рати и отпишување на каматата.
„За релативно краток период имаме склучено 72 договора, односно потпишуваме по два договоора дневно. Ова е релативно добра бројка и очакуваме во иднина таа да се зголеми“, изјави Миле Димитровски, раководител на финансии во ЈП „Исар“ – Штип.
Зошто „Исар“ се одлучи на ваков чекор и кој е ефектот по донесувањето на одлуката?
„Им излеговме во пресрет на граѓаните да можат да плаќаат на рати, а ние како јавно претпријатие за овој месец наплатата ја зголемивме за 11 отсто, така што соработката е двострана“, смета Ангел Бојаџиев, директор на ЈП „Исар“ – Штип.
Инаку, граѓани и фирми на штипското јавно претпријатие му должат околу 50 милиони денари. Од нив, 30 милиони се долг на граѓаните.
Примерот на „Исар“ наскоро ќе го сладат и останатите јавни претпријатија во регионот, од каде веќе има најави за отпис на каматите и плаќање на рати.
Оливерa Жежова
