Одбрана

Македонија со нова помош за Украина

30.08.2024 13:22

Во одбраната се планираат повеќе пари во буџетот за модернизација на Армијата според стандардите, но и препораките на НАТО. Македонија има обврска да предвиди и воена помош за Украина. Паралелно, за Армијата стигаат и донации од нашите сојузници...

Македонија позитивно ќе одговори на новото барање на Украина за нова воена помош. Станува збор за опрема и оружје какви што веќе беа испорачани, објави министерот за одбрана.

„Има дополнителен пакет за помош на Украина, мислам дека многу скоро ќе се најде на седница на Влада. Чекаме сите да добијат безбедносен сертификат, бидејќи некои од информациите се со доверлив карактер. Набрзо ќе се пушти таа информација и ќе се обзнани каква опрема ќе се дава. Согласно регулативата, ние секоја година треба да издвојуваме средства за помош на Украина, согласно тоа дека сме членка на НАТО. Важно е овој период да направиме проценка на сето она што сме го дале како земја, бидејќи во овој момент ние сме петти донатор на Украина и тоа ќе продолжи во иднина. Тоа е важно за Украина и важно за нас да покажеме дека сме стабилна членка на НАТО“, изјави Владо Мисајловски, министер за одбрана.

Додека ние и донираме на Украина, добиваме донација од Турција, која ни даде современа опрема за баталјонот за специјални намени од дронови, средства за врски, ноќни визири и интендантска опрема.

Началникот на Генералштабот не сака да коментира зошто антикорупциска отвори предмет за неговото назначување.

Од одбраната велат дека ќе се продолжи модернизацијата и договорите за набавка на хеликоптери и возила од сојузниците. За наредната година ќе предложат зголемен воен буџет.

 

Ирина Гелевска