Скопје

ЗЕЛС бара оставка од Арсовска

30.08.2024 14:22

И по последната седница на Советот, ЗЕЛС не отстапува – или оставка од градоначалничката Арсовска или иницијатива за законски измени за одземање на нејзините ингеренции.

Никако да се стави крај на маките на скопјани. И по последната седница на Советот на Градот, нема одлука за набавка на нови автобуси или на БРТ превозот, но поминаа програмите на ЈСП и на Комунална хигиена.

Сепак, од ЗЕЛС не очекуваат со ова проблемите магично да се решат – оттаму сметаат дека единствен спас за Скопје да почне да функционира е ако градоначалничката Арсовска поднесе оставка, во спротивно, скопските градоначалници велат дека се подготвени да иницираат законски измени за да се овозможи одземање на нејзините ингеренции.

И министерот за локална самоуправа, Златко Перински, подготвен е да прифати какви било измени, само да се реши лошата состојба.

И да се послуша барањето на градоначалниците, и да се почне постапка за измени во Законот за локална самоуправа, тоа бара двотретинско мнозинство и ќе помине долго време.

Арсовска, пак, прстот го впери кон советниците на ВМРО-ДПМНЕ кои не дадоа зелено светло за набавката на нови автобуси, ниту за воведување на БРТ системот од мандатот на Петре Шилегов.

Надлежните алармираат дека и да се сервисираат автобусите на ЈСП, нема да бидат доволни да се покријат потребите на патниците, особено од септември кога почнува учебната година.

 

Борис Грујоски