Политика

Мицкоски: Да не влегуваме во замката да бидеме вовлечени во предизборната реторика кај нашиот источен сосед

30.08.2024 16:30

Во периодот државата ќе се соочи со два крупни предизвика – обид на внатрешни структури за создавање нестабилност и обид од нашиот источен сосед да не внесат во предизборната реторика – премиерот Мицкоски во изјава за МИА. Апелира да не наседнуваме на овие провокации. Вели ние си имаме наша стратешка цел и знаеме по кој пат треба да чекориме …

Во периодот што следи државата ќе се соочи со два крупни предизвика – обид на внатрешни структури за создавање нестабилност и обид од нашиот источен сосед да нè внесе во предизборната реторика, предупреди премиерот Христијан Мицкоски.

По предупредувањата од бугарското МНР дека Македонија се оддалечува од евроинтеграциите со најавите за репреговарање на Францускиот предлог, Мицкоски во изјава за МИА оцени дека тоа се обиди да се предизвика реакција и земјава да биде негативно претставена пред меѓународните пријатели.

„Да не влегуваме во замката, да останеме смирени бидејќи имаме наша стратешка цел и знаеме по кој пат да чекориме“-порачува премиерот.

Другиот предизвик, појасни Мицкоски е обид на структури внатре во државата да создадат нестабилност и немир, за како што вели да го заштитат „криминално стекнатиот капитал“.

Што се однесува пак до тоа дали има расположение во Европската унија за „да ни ја подотвори малку вратата“ на нашиот европски пат, Мицкоски повтори дека има начин доколку навистина сакаат да не видат внатре.

 

Марина Стојанова Тонева