Здравство

Трет случај на заразен со западнонилска треска во земјава

30.08.2024 17:36

Во Македонија регистриран третиот случај на заразен со западнонилска треска. Станува збор за 60-годишна пациентка од Тетово, кај која симптомите на малаксаност почнале пред две недели. Таа од тетовската болница е пренесена на Инфективна. Жената не патувала надвор од земјава …

60-годишна жена од Тетово болна од западнонилска треска се лекува на Инфективната клиника во Скопје. Пред петнаесетина дена поради премаленост побарала помош кај матичниот лекар. По прегледите во тетовската болница, каде и биле правени невролошки испитувања таа заминала дома се онесвестила и качила температура, па била хоспитализирана во болницата во Тетово. Лекарите се сомневале на менингитис и затоа била пренесена во Клиниката за инфективни болести фебрилни состојби во Скопје. По направените анализи е констатирано дека се работи за западнонилска треска. Пациентката рекла дека не патувала во странство, но на почетокот на месецот забележала каснување од комарец.

80 проценти од луѓето каснати од заразен комарец не развиваат симптоми. Останатите 20 проценти, 3 до 14 дена од каснувањето може да имаат блага треска која поминува сама од себе, додека помалку од 1 процент развиваат тешка клиничка слика и се со потенцијална смртност. Не постои вакцина против западнонилска треска.

Ова е трет случај за западнонилска треска во земјава. Во првиот беше регистриран во април кај жител од Василево, а вториот во Кочани.

 

Наташа Јанчиќ Менковски