Куманово

Пожарите ќе наштетат и на пчеларството

01.09.2024 11:39

Пожарите кои што ја зафатија државата ќе предизвикаат штети и врз пчеларството. Стручните лица укажуваат дека поради пожарите нема доволно полен, па неизвесно е колкави ќе бидат количините мед наредната година. Пчеларите бележат уште една лоша година...

Повторно лоша година за пчеларството. Пчеларите со загуби од 20 до 50 отсто на пчелните семејства. Количините мед исто така се намали до 50 проценти. Оваа година велат е уште полоша од лани. Реагираат на климатските промени, сушата но и пожарите коишто ја зафатија државата. Пчеларот Ристовски од кумановско кој 15-ина години се занимава со дејноста и има два пчеларници, вели дека меѓу факторите се и неквалитетните средства, но и задоцнетото третирање.

„Имавме 70-ина денови без дожд што го намали производството на мед, како и бројот на пчелни семејства, намален нектар во природата. Поради пожарите кои што ни се случуваат сега се соочуваме повторно со проблем пчелните немаат доволно количество на полен и перга во самите кошници за да произведат зимски пчели“, вели тој.

Поради недостатокот појаснува пчеларот од Куманово, слаб ќе биде квалитетот на пчелните семејства претстојната зима.

„Немаме доволно количество на мед, ако загубата се движеше од 20 до 50 отсто, сега толку сме помалку мед од лани, од 35 до 50 отсто имаме помалку мед годинава“, дополнува тој.

Апелот на пчеларите е граѓаните да ја помогнат дејноста, со тоа што ќе купуваат квалитетен мед.

И покрај лошата состојба во пчеларството, кумановските пчелари одлучија и оваа година цената да остане иста, 600 денари.

Здружението Пчела од Куманово и годинава на почетокот на октомври ќе ја организира саемската манифестација денови на мед.

 

Елена Георгиевска