Античкиот театар во „Стоби“ не е безбеден за да прими публика
Сè додека не се санира гледалиштето од античкиот театар во локалитетот „Стоби“, таму не е безбедно да се одржуваат претстави, вклучувајќи го и Фестивалот на античка драма „Стоби“. Дотогаш тој ќе се организира на сцената на Велешки театар...

Публиката пет години нема можност претставите од Фестивалот на античка драма „Стоби“ да ги гледаат на античкиот театар во локалитетот Стоби. Поради реконструкција, реставрација, конзервација и археолошки истражувања на најатрактивниот објект во археолошкиот локалитет, театарот не може да се користи за одржување на претстави. Раководителот на проектот за археолошки истражувања Гоце Павловски, вели дека има уште доста работа додека театарот во Стоби повторно прими публика.
Фестивалот му го враќаше духот на театарот и локалитетот. Со него оживуваше и не беше нем споменик на едно време. Публиката со нејзиното присуство ја чувствуваше грандиозноста, но и искушуваше слична програма која се случувала тука пред многу векови.
Во 1992, со претставата „Електра“ почна да се играат претстави во театарот во организација на Велешкиот театар и десетина години беше со по една претстава годишно. Од 2001 започна да се организира Фестивалот на античка драма „Стоби“, кога имаше и по шест-седум претстави во текот на две седмици во летниот период.
Петар Печков
