Локалната самоуправа и други институции на Србија во четири косовски општини се уште се блокирани
Зградите на локалната самоуправа и другите институции на Владата на Србија во четири општини на северот на Косово сè уште се блокирани...

Зградите на локалната самоуправа и другите институции на Владата на Србија во четири општини на северот на Косово сè уште се блокирани, а пред нивните влезови и натаму се распоредени вооружени сили откако косовската полиција синоќа спроведе акција и ги пломбираше сите паралелни општини управувани од српските власти во Косовска Митровица, Лепосавиќ, Звечан и Зубин Поток. Властите на Приштина тврдат дека тие биле нелегални и работеле под директиви на Србија, кршејќи ја уставноста и законите на Република Косово, наспроти тврдењата на Србите дека тие не се паралелни, туку правни институции кои се од витално значење за српското население на северот. Амбасадата на САД во Косово го осуди упадот.
„Не станува збор за никакви паралелни институции. Тие упаднаа во зградите на привремените власти на четири општини на северот, но и во Бирото на Канцеларијата за Косово и Метохија, Фондот за пензиско и инвалидско, во Институтот за српски јазик и така натака. Значи зборуваме за акција, еднострана, насилен потег на Курти кој има цел да го протера српскиот народ од територијата на Косово и Метохија. Со ова, српскиот народ е буквално доведен до работ на свршен чин“, изјави Петар Петковиќ, директор на Канцеларијата за Косово и Метохија.
