Украина

Меѓусебни обвинувања меѓу Русија и Украина за убиени цивили

31.08.2024 12:10

Москва и Киев со меѓусебни обвинувања за убиени цивили. Тешка ноќ за Русија по најновиот удар на украинските сили како одговор на нападот врз Харков. На фронтот-најжестоки борби се водат во Покровск. Спротивставени изјави за напредокот во Курск. Зеленски најави крај за руските терористички тактики. ЕУ ќе ја зајакнува воената обука на Украина.

Москва и Киев со меѓусебни обвинувања за убиените цивили во последните напади на двете страни. Руските власти соопштија дека имале исклучително тешка ноќ. Соборени украински дронови над Белгород, Орловск и Курск.

„Исклучително тешка ноќ за сите нас. Повторно беа убиени цивили како резултат на гранатирањето на градот Белгород од вооружените сили на Украина. Петмина загинаа, а 37 се во болница, меѓу нив и едно дете“, изјави Вјачеслав Гладков, гувернер на Белгород.

Нападот е украински одговор на руските гранатирања врз цивилни области во Харков и Суми, во кој загинаа шест лица, а над 50 беа повредени.

„Сите бомби погодија цивилни објекти, од кои две во близина на парк каде што имаше многу луѓе, вклучително и деца“, изјави Олександр Филчаков, портпарол на регионалното обвинителство во Харков.

„Зад мене е станбена зграда. Ова е масовен терор врз нашето цивилно население“, изјави Олех Синиехубов, гувернер на Харков.

Украинската војска потврди дека најтешка е ситуацијата во Покровск, но дека напредува во руски Курск, наспроти тврдењата на одбраната на Русија дека успешно го одбива противникот.

„Битките се водат во речиси сите правци, ситуацијата во Покровск е најтешка. Непријателот се обидува да ја пробие нашата одбрана, но нападите се одбиени. Во однос на Курск, офанзивата продолжи, напредуваме до 2 километри во сите правци“, изјави Олександр Сирискиј, врховен командант на вооружените сили на Украина.

„Спроведена е операција за неутрализирање на украинската армија во Курската област. Нанесени им се значителни загуби на жива сила и опрема, спречувајќи ги во обидите за распоредување на непријателски резерви“, изјави Игор Конашенков, портпарол на руското Министерство за одбрана на Русија.

Во истовреме Зеленски го разреши командантот на воздухопловните сили не нагласувајќи ја причината. Одлуката следи откако се урна борбен авион Ф-16 додека одбивал руски ракетен напад.

„Конечно, мора да ставиме крај на руските терористички тактики. Украина мора да стекне способност да уништува руски авиони во нивните бази“, изјави Володимир Зеленски, претседател на Украина.

Министрите за одбрана на ЕУ најавија дека ќе ја зајакнат воената обука на Украина-потврди шефот на европската дипломатија Борел додавајќи дека до крајот на годината ќе обучат уште 15 илјади украински војници.

 

Бојана Крстевски