Судство

За Костадиновски распуштањето на Судскиот и Советот на обвинители може да биде лош преседан

31.08.2024 12:45

По предлозите за распуштањето на Судскиот и Советот на јавни обвинители од страна на Владата, со свој став излезе и претседателот на Уставниот суд. Треба многу внимателно да се пристапи кон работите, смета Костадиновски. Колективната одговорност може да не втурне во лавиринт од кој нема да можеме да излеземе долг период, објаснува првиот човек на Уставниот суд, во интервју за МИА...

Колективната одговорност може како лош преседан да не втурне во лавиринт од кој нема да можеме да излеземе долг период. Ова во интервју за државната МИА го порачува претседателот на Уставниот суд, Дарко Костадиновски, коментирајќи ги најавите на власта за распуштање на Судскиот Совет и на Советот на јавни обвинители. Според првиот човек на Уставен, подобро е да има индивидуална одговорност. Костадиновски додава дека не би сакал да се дојде до ситуација во која предлагачот на реформите ќе биде поддржан од граѓаните, а Уставниот суд да биде перципиран како кочничар ако утврди дека евентуалните новини се уставно проблематични.

„Секогаш без исклучок, индивидуалната одговорност доколку се утврди по каков било основ, корупција, тргување со влијание, злоупотреба на службената положба и овластување, прекршување на законите, во рамките на кое било тело, убеден сум дека ќе има подобар ефект за зголемување на принципите на одговорност генерално, позитивно ќе влијае на довербата и правната држава, отколку колективната одговорност која може како лош преседан да не втурне во еден лавиринт од кој нема да можеме да излеземе долг период. Едноставно е, се надевам дека и владата и законодавецот не само на оваа тема, на која било друга ќе се држи до рамките на Уставот и неговите темелни вредности, како поделбата на власта во конкретниот случај“, изјави Костадиновски, во интервју за МИА.

И покрај критиките, од Владата порачаа дека не се откажуваат од идејата, сметајќи дека ова ќе претставува реформа на овие институции кои имаат само два проценти доверба во јавноста. А, пред уставните судии се и иницијативите за уставноста на Законот за употреба на јазиците и за Балансерот. Предметот на Законот за јазиците се состои од 13 иницијативи на граѓани, политички партии, различни здруженија и е формиран од 2019 година. Првиот човек на Уставен Костадиновски вели дека е запознаен со јавниот интерес и можните последици доколку Судот одлучи да го укине, да го остави во сила или да интервенира во одредени одредби. Според коалицијата ВРЕДИ, иницијативата од Левица треба да се отфрли. Според Европскиот фронт, кршењето на механизмите и правата кои произлегуваат од Охридскиот договор не е ништо друго туку враќање на Македонија пред Охридскиот договор.

 

Милчо Велески