Казни за месарница, маркет и ресторан поради продажба на небезбедна храна
Сомнително месо, без соодветна декларација се продавала со скопски супермаркет и месарница. Со поминат рок било пронајдено во ресторан во Битола. Ова е откриено на вонредни контроли, кои ги направиле Агенцијата за храна, заедно со Државниот, Трудовиот инспекторат и УЈП. Засега нема клуч на врата на објектите. Заработиле само парична казна.

Месо и месни производи со сомнително потекло биле пронајдени во скопски супермаркет и месарница. Агенцијата за храна и ветеринарство засега не ставиле клуч на вратата туку е изречена само парична казна.
Инспекторите на Агенција за храна и ветеринарство (АХВ) во вонредни контроли на трговски и угостителски објекти во Скопје и во Битола запленија и уништија 40 килограми храна и изрекоа соодветни казни за фирмите и нивните раководители.
„Познат скопски супермаркет е казнет со 1.000 евра за правното и 400 евра во денарска противвредност за одговорното лице поради продажба на небезбедна храна – храна без и со нечитки декларации, невршење на задолжителни лабораториски тестирања. Истиот оператор дополнително е казнет со иста казна (1000 евра за правното и 400 евра за одговорното лице), бидејќи продавал и производи и материјали кои доаѓаат во контакт со храната без за тоа да има добиено одобрение од Агенцијата за храна и ветеринарство“, велат од АХВ.
За месарницата од Скопје е изречена казна од 600 евра за правното и 300 евра за одговорното лице. Агенцијата на лице место пронашла месо со нечитки декларации и а не биле ниту направени задолжителни лабораториски тестирања.
Вонредниот инспекциски надзор констатирал нерегуларности и во ресторан во Битола, каде било пронајдена храна со поминат рок, неозначена и недекларирано место.
Контроли заедно со Агенцијата за храна, во изминатиот период вршеле инспектори од Државниот, Трудовиот инспекторат и УЈП. Под надзор биле кафе барови, ресторани, гостилници, сендвичарници, пекарници, слаткарници ќебапчилници, месарници на Бит пазар, познатата Пластичарска улица и Старата скопската чаршија. Издадени беа 33 решенија за утврдените недоследности, а изречени се и 14 парични казни. Уништени се 640 кг месо.
Александра Велинова
