Косово

Српската листа бара итна акција на меѓународните претставници

01.09.2024 11:08

Зградите на српските институции во четирите општини на северот на Косово веќе трет ден се блокирани од косовската полиција, а силите на КФОР и натаму се распоредени на мостот на Ибар...

Зградите на српските институции во четирите општини на северот на Косово веќе трет ден се блокирани од косовската полиција, а силите на КФОР и натаму се распоредени на мостот на Ибар. Ситуацијата засега е мирна, но тензична. Мисијата на НАТО во Косово посочи дека се подготвени да реагираат на сите важни безбедносни случувања. Српската листа бара итна акција на меѓународните претставници. За Белград ова е уште една провокација на Курти за да се дестабилизира целиот регион.

„Важно е КФОР и НАТО да ги задржат своите позиции за мостот на Ибар. Морам да признаам, не разбирам баш што е смислата на сето ова, освен желбата да се испровоцира Србија? Воопшто не разбирам што е значењето и крајниот резултат што го гледа раководството на Албанија и Приштина. Која е поентата да се окупира соба или зграда? Што потоа? Со ова јасно покажувате дека правите се без договор со вашите партнери-со оние кои ве создадоа, во исто време правите сè за да го дестабилизирате целиот регион. Не гледам дека тоа е мудра политика, но не би ги советувал што да прават и како. Ние ќе се однесуваме одговорно“, изјави Александар Вучиќ, претседател на Србија.