Израел

Нетанјаху: Оној што убива заложници не сака договор

01.09.2024 12:12

Пронајдени нови шест тела на заложници во тунел во Газа. биле брутално убиени пред војската на Израел да стигне до нив. Семејствата на жртвите се заканија – земјата ќе трепери, најавија масовни протести. Нетанјаху вети дека нема да мирува додека не ги фати одговорните. Рациите на Западниот Брег продолжија. Во Газа почна масовната вакцинација на децата против детска парализа...

Израелската војска пронајде уште шест тела на заложници во тунел во Рафах за време на борбите во Газа. Биле брутално убиени од Хамас непосредно пред да стигнат до нив. Тројца биле на списокот за ослободување во првата фаза од предложениот договор-пишуваат медиумите.

„Ги информиравме семејствата дека телата на нивните најблиски биле лоцирани од израелските сили. Нивните тела беа пронајдени за време на борбите во Рафах во подземен тунел на околу еден километар од тунелот од кој пред неколку дена го спасивме Фархан Кади. Биле брутално убиени од Хамас непосредно пред да стигнеме до нив“, изјави Даниел Хагари, портпарол на израелската војска.

Земјата ќе трепери – се заканија семејствата на киднапираните и најавија масовни протести, откако синоќа гневната толпа се судри со полицијата во Тел Авив по сознанието за смртта на заложниците. Нетанјаху вети дека нема да мирува додека не ги фати одговорните. Тврди дека Хамас е тој што не прифаќа договор за примирје.

„Нема да мируваме додека не ги фатиме одговорните за убиството на шесте заложници. Очигледно е оние кои убиваат заложници не сакаат договор. Пред три месеци, на 27-ми мај, Израел се согласи на договор, Хамас одби. Потоа на 16-ти август – исто се согласивме, Хамас повторно одби. И овие денови, додека Израел води интензивни преговори, Хамас продолжува цврсто да одбива каков било предлог“, изјави Бенјамин Нетанјаху, премиер на Израел.

Бајден е оптимист дека договор наскоро може да има.

„На работ сме да постигнеме договор. Време е да се стави крај и да го завршиме ова. Двете страни се среќаваат и разговараат. Сите рекоа дека се согласуваат со принципите. Затоа сум оптимист“, изјави Џо Бајден, претседател на САД.

Во истовреме рациите на Западниот Брег продолжија. Изутрината во напад на контролен пункт убиени тројца израелци.

„Овој тежок напад е знак за оние кои размислуваат да ги ослободат терористите. Ова се случува кога тие шетаат низ областа. Тие се убијци, животни кои не треба да бидат ослободени“, изјави Итамар Бен-Гвир, израелски министер за национална безбедност.

Во истовреме во Газа почна масовната вакцинација на децата против детска парализа, при што двете страни ветија дека ќе ги почитуваат осумчасовните хуманитарни паузи во непријателствата за да овозможат продолжување на кампањата.

 


Бојана Крстевски