Образование

Со учебници за сите ученици и без пролетен распуст утре започнува новата учебна година

01.09.2024 15:21

Учебната година ќе стартува со книги по речиси сите предмети. Тие се веќе доставени во сите училишта. Вели министерката Јаневска. Од МОН откриваат дека печатницата која го добила тендерот за да ги печати учебниците не била ниту информирана од претходното раководство дека треба да ги подготви книгите за во септември. Министерката Јаневска денеска информира дека пролетен распуст, нема да има...

Дистрибуцијата е завршена, учебници ќе има секаде и за сите ученици, вели министерката за образование. Јаневска додаде дека минатата власт поради неспособност не го направиле она што е потребно според закон. Покажа и документи од печатницата дека ниту еден учебник за седмо одделение не бил даден да се печати, негирајќи ги тврдењата на нејзиниот претходник Шаќири. На стартот на учебната година, на листата проблеми со кои ќе се справуваат институциите, наставниците и родителите се двосменското работење, повисоките плати, подобрувањето на наставните програми.

Платите на наставниците ќе бидат покачени в година, рече министерката за образование и наука. Поради огромна наследена дупка во буџетот на МОН, во износ од 5 милијарди денари, вели дека годинава тоа е невозможно. Додава дека сосема е разбирливо и дека наставниците се во право. Ги поддржува во нивните барања, потенцирајќи дека целосно застанува на нивна страна, но апелира на трпение за да се изнајде решение поради лошото менаџирање на претходното раководство.

Социјалниот дијалог продолжува, вели министерката, а дотогаш, фокусот да биде на учениците.

Промени во наставата речиси и да нема во споредба со лани. Единствено ќе го нема пролетниот распуст кој беше воведен минатата учебна година, откако во анкета на Министерството за образование мнозинството родители, ученици и наставници рекоа дека не им е потребен.

 

Александра Спировска